Ahmet Gürhan Kartal
17 Јануари 2022•Ажурирај: 18 Јануари 2022
ЛОНДОН (АА) - Двајца тинејџери се уапсени во Манчестер „како дел од тековната истрага за нападот што се случи во синагогата во Тексас“, соопшти британската полиција за антитероризам доцна синоќа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Апсењата уследија откако американското Федерално биро за истраги (ФБИ) го идентификува лицето кое држеше заложници дека е британскиот државјанин Малик Фајсал Акрам (44).
Метју ДеСарно, специјален агент задолжен за канцеларијата на ФБИ во Далас, рече дека лицето дејствувало само, и никој друг не бил вмешан во земањето заложници на 15 јануари.
Четири лица, меѓу кои и еден рабин, беа држени од вооружен маж кој влезе во синагогата на Конгрегацијата Бет Израел во Колевил, САД, за време на верска служба.
По неколкучасовното држење, заложниците беа ослободени, соопшти полицијата, додавајќи дека киднаперот бил убиен во настанатата пукотница.
„Нашите мисли остануваат со сите погодени од ужасните настани што се случија во Тексас на 15 јануари“, рече во изјавата помошникот началник Доминик Скали од единицата за борба против тероризмот во Норт Вест.
Во соопштението потврдува дека осомничениот, убиен во инцидентот, е Малик Фајсал Акрам, по потекло од областа Блекбурн во Ланкашир.
Скали, исто така, потврди дека антитерористичката полиција помага во истрагата што ја водат американските власти.