Ekipa
19 Август 2021•Ажурирај: 21 Август 2021
ПАРИЗ (АА) - Прашањето за признавање на талибанскиот режим е ирелевантно во овој момент, изјави францускиот министер за надворешни работи, Жан Ив Ле Дриан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Одговарајќи на прашањето дали Франција ќе ја признае талибанската Влада, Ле Дриан за БФМТВ (BFMTV) рече дека тоа прашање е непотребно да се поставува во моментот.
„Кога ја преземате власта сосила, не сте легитимни. Ја знаете историјата на талибанците, она што го правеа во минатото, делата на насилство што некои од нив штотуку ги извршија“, рече тој во интервјуто.
Претходно истиот ден, Ле Дриан на Твитер напиша: „Побарав од талибанците да покажат со дела дека се промениле, како што велат. Ним им останува да го докажат тоа. Франција е со авганистанскиот народ.“
Во интервју за БФМТВ, тој повтори дека талибанците треба на дело да ги докажат изјавите за помирување што ги дадоа за да добијат меѓународно признание.
Во првите денови по преземањето на власта, талибанското раководство гарантира мирна транзиција на власта, без одмазда, права за вработување и образование за жените и девојчињата, формирајќи инклузивна Влада според исламските закони.
Ле Дриан рече дека мора да се постигне состојба на смирување што е можно побрзо, но дека тоа ќе биде можно само кога талибанците преземат соодветни дејствија и докажат дека се промениле.
Талибанците мора да го воведат во практика она што го зборуваат, рече Ле Дриан, со тоа што ќе дозволат излез на Авганистанците кои сакаат да ја напуштат земјата, да спречат Авганистан да стане терористичко засолниште под нивен режим, да ја олеснат меѓународната хуманитарна помош, да ги почитуваат правата на жените и формираат преодна влада со сите авганистански политички сили.
„За Франција, главниот приоритет во моментов е екстрадиција на Авганистанците кои работеа со мисијата, оние кои се залагаат за одбрана на законот и оние чии животи се загрозени“, рече тој.