Betül Yürük
19 Август 2021•Ажурирај: 20 Август 2021
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (АА) - Претставничката на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) во Авганистан, Каролина ван Бурен, изјави дека помеѓу 20 и 30 илјади луѓе илегално го напуштаат Авганистан секоја недела, а повеќето од нив преминуваат во Иран, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Ван Бурен преку видеоконференција присуствуваше на прес-конференцијата одржана во седиштето на ОН каде што даде информации за најновите случувања во Авганистан откако талибанците ја презедоа контролата.
Наведувајќи дека имаат информации за кршење на човековите права врз жените, Ван Бурен рече: „Добиваме извештаи дека во некои региони жените не смеат да работат, а на некои места жените не смеат да се движат ако нема некој маж од нивното семејство.“
Таа истакна дека повеќе од половина милион луѓе се раселени во земјата оваа година. „Според нашите проценки, помеѓу 20 и 30 илјади луѓе илегално заминуваат секоја недела.“
Ван Бурен додаде дека некои Авганистанци преминале во Пакистан, а повеќето од нив заминале во Иран.
Директорката на Светската програма за храна во Авганистан, Мери Елен Мекграрти, рече дека како Обединети нации (ОН) имале разговори со талибанците за тоа како ќе функционира аеродромот по евакуацијата на САД.
Таа истакна дека аеродромот е клучен за испорака на хуманитарна помош.
- Процесот на талибанска доминација во земјата -
Во рамките на Мировниот договор постигнат меѓу САД и талибанците во февруари 2020 година, годинава започна процесот на повлекување на меѓународните сили од Авганистан.
Договорот предвидуваше да не се напаѓаат странските сили, но не предвидуваше никакви одредби во врска со акциите на талибанците против авганистанските безбедносни сили.
Талибанците од една страна ги продолжија преговорите со авганистанската Влада во Доха, а од друга страна, истовремено со голема брзина и со насилни напади од јуни освоија многу области и провинциски центри во Авганистан.
Талибанците ја презедоа контролата врз главниот град Кабул без конфликт, откако претседателот Ашраф Гани ја напушти земјата на 15 август.