Alaattin Doğru
07 Февруари 2022•Ажурирај: 08 Февруари 2022
АНКАРА
Откако групацијата „Орпеа“, која е „светски лидер“ во областа на домовите за стари лица во Франција, беше обвинета за малтретирање на старите лица во домовите, слични обвинувања се упатени и против „Коријан“, која е „најголемата групација на старечки домови“ во земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во истражувачката студија „Гробари“ („Les Fossoyeurs“), објавена од новинарот Виктор Кастане на 26 февруари, наведени се детали дека оброците на старите лица во старечките домови во „Orpea“ се ограничени, со часови не се одржува нивната хигиена и дека едно лице е одговорно за будењето и појадокот на старите лица.
Во студијата, врз основа на сведоштвата на работниците во домовите за стари лица, се нагласува дека хигиената, медицинската нега, па дури и оброците се ограничени во домовите на групацијата „Орпеа“, во која месечниот надомест за грижа за старите лица се движел од 6.500 евра до 12.000 евра, што е прилично скапо во споредба со условите во земјата.
Според студијата, ограничувањата се прават со цел да се зголеми профитот и да се намалат трошоците во домовите.
По објавувањето на студијата, акциите на „Орпеа“ на Париската берза паднаа за околу 16 отсто, додека акциите на „Коријан“, „најголемата групација на старечки домови“ во земјата, паднаа за 14 отсто.
Претставниците на „Орпеа“ ги негираа повеќето обвинувања во студијата. Од друга страна, министерката за автономија, Брижит Бурињон, соопшти дека се започнати финансиски и административни истраги за инцидентот.
- Слични пријави се поднесени и против групацијата „Коријан“
Од друга страна, групацијата „Коријан“, која ја има најголемата мрежа на старечки домови во Франција, исто така се соочи со 150 поплаки за злоупотреба на старите лица.
Семејствата чии роднини престојуваат во старечките домови наведуваат дека персоналот на групацијата „Коријан“, која има 300 старечки домови низ целата земја, ги малтретира старите лица, им дава ограничена храна, дури и ограничена вода и не ја одржува нивната хигиена.
Групацијата беше споменувана во јавноста кога 36 стари лица починаа во старечки дом во регионот Приморски Алпи, во раните денови на епидемијата на Ковид-19.
Овој пат ќе биде поднесена колективна жалба за групацијата.
Од друга страна, ТВ-каналот BFMTV наведе дека со проширувањето на скандалот за старечките домови, имало брз пораст на повиците упатени на линијата 3977, која е специјална линија за упатување жалби за лошо постапување со старите лица.