Yusuf Özcan
08 Јануари 2019•Ажурирај: 09 Јануари 2019
ПАРИЗ (АА) - Премиерот на Франција, Едуард Филип, изјави дека се подготвува нов закон со остри казни за оние кои ќе учествуваат во протести без дозвола и за оние кои за време на протестите ќе применат насилство, јавува Anadolu Agency (AA).
Францускиот премиер Филип, на телевизискиот канал TF1 беше гостин во емисија во живо, во која зборуваше за дневнополитичките теми.
Со цел да се изнајде решение за проблемите предизвикани од протестите на „Жолтите елеци“, премиерот Филип рече дека се подготвува нов закон со остри казни за оние кои ќе учествуваат во протести без дозвола и за оние кои за време на протестите ќе применат насилство, додавајќи дека нема да бидат поштедени оние кои доаѓаат на протестите со намера да предизвикаат насилство.
Премиерот Филип посочи дека од почетокот на протестите на „Жолтите елеци“ на 17 ноември 2018 година досега, приведени се 5.600 лица, од кои на повеќе од 1.000 лица им се одредени затворски казни.
Премиерот најави дека за обезбедување на протестите најавени за в сабота на ниво на целата територија на Франција, ангажирани се околу 80.000 припадници на безбедносните сили.
- Протести
Демонстрациите што на 17 ноември 2018 година започнаа во знак на протест за покачувањето на данокот на течните горива и влошувањето на економските услови во Франција, а кои подоцна се претворија во гнев и бунт против раководењето на претседателот Емануел Макрон, претставуваат најнасилни протести во последните години во оваа земја.
Демонстрантите, кои главно се лица кои поради високите наемнини во големите градски центри се населиле во руралните подрачја, од претседателот Макрон и неговата администрација бараат подобрување на економските услови.
„Жолтите елеци“, покрај тоа, бараат за темите и законите што одблиску ги засегаат жителите на Франција, народот да биде запрашан по пат на референдум.
На протестите што се одржаа досега, животот го загубија 10, а повеќе од 1.000 лица се ранети.