Nur Asena Ertürk
21 Март 2023•Ажурирај: 22 Март 2023
АНКАРА (АА) - Француските пратеници вчера ги отфрлија предлозите за гласање недоверба на Владата, што доведе до усвојување на контроверзниот план за пензиски реформи во Франција, јавува Анадолу.
Партиите што се против реформскиот план поднесоа две барања за недоверба минатата недела, откако претседателот Емануел Макрон и премиерката Елизабет Борн решија да ги искористат своите уставни овластувања за планот за реформите да помине без гласање во Парламентот.
Минатата недела независната група Лиот и партијата Национално собрание (РН) поднесоа предлог, а за гласање недоверба е потребна поддршка од апсолутното мнозинство во Парламентот, односно 287 гласа.
Одбивањето на предлогот значи дека Владата останува и дека предлог-законот е усвоен.
Макрон и Борн неодамна одржаа состанок откако Сенатот ја усвои конечната верзија на нацрт-законот пред да биде доставен на гласање во Парламентот.
Тие одлучија да се повикаат на член 49.3 од Уставот, кој е механизам што ѝ овозможува на Владата да донесе предлог-закон без одобрение од Собранието.
Ваквата одлука е донесена поради стравот дека пратениците би можеле да ги блокираат реформите бидејќи Владата нема апсолутно мнозинство во Парламентот.
Реформите вклучуваат зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години, како и најмалку 43 години работа за да се оствари право на целосна пензија. Планот предизвика гнев кај граѓаните откако беше објавен минатата година, со масовни протести и штрајкови низ целата земја од јануари.