Muhammet Nazım Taşcı
24 Септември 2026•Ажурирано: 24 Септември 2026
Авионот со кој израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху патуваше кон САД за да учествува на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), повторно го користеше воздушниот простор на Грција, Италија и Франција, земји членки на Меѓународниот кривичен суд (МКС), и покрај издадената потерница за него, јавува Анадолу.
Според податоците на страницата за следење летови Flightradar24, авионот на Нетанјаху, кој утрото полета од Израел кон САД за 81. сесија на Генералното собрание на ОН, поминал низ воздушниот простор на европски земји членки на МКС.
Како и при неговата претходна посета на САД, авионот на израелскиот премиер го користеше воздушниот простор на Грција, Италија и Франција, кои се страни на Римскиот статут, и покрај потерницата на МКС за Нетанјаху.
На 24 септември 2025 година авионот на израелскиот премиер, при патувањето кон САД за средбите во рамките на Генералното собрание на ОН, леташе по маршрутата по должината на Средоземното Море и преку Гибралтарскиот Проток.
На 21 ноември 2024 година МКС издаде потерници за Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во Појасот Газа.
Израелскиот весник „Једиот Ахронот“ вчера објави дека Нетанјаху во САД ќе слета на воен аеродром во Њу Џерси или на аеродромот „Њуарк“ наместо на аеродромот „ЏФК“ во Њујорк, поради загриженоста дека градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, нема да дозволи авионот да остане на пистата.