Yusuf Özcan
07 Февруари 2019•Ажурирај: 08 Февруари 2019
ПАРИЗ (АА) - Франција го отповика својот амбасадор во Италија поради обвинувања, неосновани напади и невидени изјави на италијанските официјални лица кои се повторуваат последните неколку месеци, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролката на Министертвото за надворешни работи на Франција, Ањес Фон Дер Мил, рече дека Франција била цел на обвинувања, неосновани напади и невидени изјави кои се повторувале во период од неколку месеци. Таа додаде дека такво нешто се нема случено во последните неколку години.
Мил рече дека италијанските официјални лица провоцирале со мешање во внатрешните работи на Франција и изнесувале неприфатливи анализи, што се одразило на почитувањето меѓу двете земји.
Таа истакна дека сето тоа наметнува сериозна ситуација за намерите на Италија во врска со односите со Франција.
„Пред оваа единствена ситуација, Владата на Франција донесе одлука да го отповика амбасадорот на Франција во Италија“, истакна Мил.
Министерот за економски развој, труд и социјална политика на Италија, Луиџи ди Маjо, неодамна изјави дека на состанокот со претставниците на „Жолтите елеци“, разговарал за демократијата, односите меѓу двете земји и општествените правила, најавувајќи нови средби.
Изјавите на италијанските и француските официјални претставници изнесени последните неколку недели ги засилија тензиите меѓу двете земји.
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, рече дека Италијанците се голем народ и дека тој е нивен пријател.
„Заслужуваат лидери кои ѝ доликуваат на нивната историја“, рече Макрон, на што заменик-премиерот на Италија одговори дека Франција треба прво да ги предаде терористите и убијците на кои со години им дава засолниште, па дека потоа ќе разговара со Макрон.
„Макрон зборува дека јас и Салвини не сме на високо ниво. Народот на Италија нека одлучи за тоа“, рече Луиџи ди Маjо, обвинувајќи ја Франција дека ја следи колонистичката политика во Африка и им даде поддршка на „Жолтите елеци“.
Поради изјавите на Ди Маjо и Салвини, Владата на Франција неодамна во Министерството за надворешни работи го повика амбасадорот на Италија во Париз.