Andaç Hongur
13 Април 2021•Ажурирај: 14 Април 2021
ИСТАНБУЛ
Фоторепортерка од Агенција Анадолија победи на престижниот Меѓународен натпревар „Фотографии на годината“ (POY) Азија.
Шебнем Џошкун беше прва во категоријата „Природа и животна средина“ за нејзината фотографија на нуркачка која во Медитеранското Море е опкружена со отпадоци како последица на пандемијата на Ковид-19, објавија од Меѓународниот натпревар „Фотографии на годината“ (POY) на социјалните медиуми.
Фотографијата на турската нуркачка Сахика Ерџумен е направена минатата година во Босфорскиот Теснец за да се подигне свеста за загадувањето со пластика во морињата.
Говорејќи за нејзината фотографија, Џошкун рече дека се надева дека ќе привлече поголемо внимание на прашањето „која е одговорноста и проблемот на секоја индивидуа на глобално ниво“.
Џошкун исто така беше финалист во категоријата „Фоторепортер на годината“, за нејзината серија фотографии Нерегуларните мигранти на пат кон Европа и Ковид-19 приказната на Турција.
„Ги следев мигрантите во северозападната област Едрене. Ми претставува огромно задоволство да им дадам глас на тие луѓе и да можам да ја исполнам мојата професионална должност. Процесот беше ист за Ковид-19“, изјави таа.
Тимот на Агенција Анадолија исто така ја доби финалната награда во категоријата „Локална тимска приказна на годината“ со серијата фотографии „Отворена врата за Европа“.
Фоторепортерите Шебнем Џошкун, Елиф Озтурк, Ариф Худаверди Јаман, Ѓокхан Балчи и Онур Чобан направија серија од 20 фотографии на кои се прикажани нерегуларните мигранти во северозападната погранична турска област Едрене, кои имаат надеж дека ќе стигнат до Европа.
- Ова е четврта награда за Агенција Анадолија на Меѓународниот натпревар „Фотографии на годината“ (POY) -
Победници се: Мосаб Елшами од Египет во 2014 година, Себастијан Кастенада од Перу во 2015 година, Мустафа Хасона од Газа, Палестина, во 2016 година и Елиф Озтурк од Турција оваа година.
Меѓу членовите на овогодишното жири се наоѓаат Чериш Меј, Џ.Б. Форбс, Шоун Хил, Мери Д. де Јесус, Алекс Вонг, Престон Ганавеј, Адрес Латиф, Алисија Буртон Стил, Мелиса Мелвин-Родригез, Дин Фицмаурис, Стеф Чемберс, Хозе Карлос Фајардо, Елизабет Ченг Крист, Алиса Шукар, Кети Орлински, Рон Тарвер, Саманта Еплтон, Макјл Робинсон Чавез, Лајлах Аматулах Барајн, Карл Филипе Јусте, Су Мороу, Брајан Палмер, Шаминдер Дулаи, Јулие Винокур, Јасмин Голдбанд, Ави Ѓупта, Деб Панг Дејвис и Брет Роџерс.
Годишниот натпревар на фотографии е програма на Институтот за новинарство „Доналд В. Рејнолдс“ на Школата за новинари во Мисури, САД, и доделува награда за најдобри фотографии уште од 1944 година. Наградите се доделуваат секоја година во различни категории откако ќе бидат прегледани од стручно жири од оваа област на новинарски фотографии.
- Агенцијата Анадолија се издвојува -
Агенцијата Анадолија ги покрива најновите случувања со тоа што има фоторепортери во важните центри ширум светот, како и со нејзината хонорарна мрежа од фоторепортери.
Неодамнешните достигнувања на Агенција Анадолија се проследени од домашниот и странскиот печат и благодарение на нејзините договори за соработка, особено со „АFP Image Forum“ и „Getty Images“.
Фотографиите на Агенцијата Анадолија се прикажани во „Тајм“, „Гардијан“, „Њујорк тајмс“, „Вашингтон пост“, „Телеграф“, „Пари мач“ и „Њусвик“.
Агенција Анадолија учествуваше на најголемиот светски фестивал за фотографии со вести, „Visa Pour L'Image“, одржан во Перпигнан, Франција, а Агенцијата исто така го организираше и „Istanbul Photo Awards“.
Агенција Анадолија објавува во просек по 3.000 фотографии секој ден.
Со својата веб-страница „anadolu images.com“, Агенцијата Анадолија исто така ги отвори своите фотографии, видео и мултимедијални содржини кон светот од една платформа.