Mehmet Şah Yılmaz
26 Ноември 2024•Ажурирај: 27 Ноември 2024
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан денес изјави: „Никогаш не сме биле поблиску до судир на цивилизации во вистинска смисла и ова е предупредување за човештвото“, известува Анадолу.
Министерот Фидан им се обрати на учесниците на 10. Глобален форум на Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации (ОН) што се одржува во Каскаис, Португалија.
Шефот на турската дипломатија нагласи дека израелскиот геноцид врз Палестинците ги влошил проблемите и дека сме сведоци на протести и кревање на гласот на општествата во различни земји.
„Никогаш не сме биле толку блиску до судир на цивилизации. Ова е предупредување за човештвото. Колку повеќе ќе молчиме, толку повеќе ќе има фрагментација во меѓународниот систем“, рече Фидан.
Фидан истакна дека нема да може да се постигне траен глобален мир без решавање на проблемите на Блискиот Исток.
„Сè додека десетици илјади луѓе, вклучително и невини деца во Газа, се убиваат, а милиони луѓе се препуштени на глад, сиромаштија и смрт, нема мир на хоризонтот“, рече Фидан и додаде:
„Земјите кои ја поддржуваат Алијансата на цивилизациите и нејзините фундаментални вредности не можат да молчат за хуманитарната катастрофа во Газа. Затоа, не случајно денес во оваа сала се земјите кои сакаат мир за Палестина. Ги нема оние кои не се во состојба ниту да го изговорат ‘прекин на огнот’. Оние што ни држат лекции не почитувајќи го меѓународното право и универзалните вредности не се во оваа сала, бидејќи ова е мировен сојуз. Ова е сојуз за мир, но не само на Западот, туку и за остатокот од светот, вклучувајќи ја и Палестина.“