Zeynep Rakipoğlu
26 Ноември 2024•Ажурирај: 27 Ноември 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Градот на надежта е изграден од Фондацијата за хуманитарна помош за човекови права и слободи (ИХХ) и Катарската добротворна организација, со цел да им се обезбедат домови на 1.400 семејства што престојуваат во бегалскиот камп Бабуселам во селото Тукли во сирискиот регион Азез, известува Анадолу.
Во соопштението објавено од ИХХ, многу луѓе што морале да мигрираат во различни региони во и надвор од земјата поради граѓанската војна во Сирија, која трае од 2011 година, го продолжиле својот живот во тешки услови во шаторските населби на северот на земјата.
Фондацијата за хуманитарна помош ИХХ, која обезбедува хуманитарна помош во Сирија од почетокот на граѓанската војна, изведе важен проект заедно со Катарската добротворна организација.
Градот на надежта е изграден во селото Тукли, на подрачјето на градот Азез-Соран, северниот дел на Алепо, Сирија, за да вдоми 1.400 семејства што останаа во бегалскиот камп Бабуселам поради граѓанската војна.
Населбата ја сочинуваат вкупно 1.400 куќи од кои 1.200 со површина од 50 квадратни метри, а 200 со површина од 100 квадратни метри.
Во населбата се изградени џамија, женско училиште, машко училиште, градинка и стручно училиште, а има и јавен образовен центар, спортски комплекс, амбуланта, повеќенаменска конференциска сала, управна зграда, полициска станица и чаршија со 50 продавници.
Градот на надежта, опремен со служби за струја, осветлување, водовод и канализација, проектиран на земјиште од 280 декари, ги задоволува сите потреби на семејствата што ќе добијат дом во населбата.
Продолжува процесот на преселување во Градот на надежта на семејствата што поради граѓанската војна со години живеат во тешки услови во бегалскиот камп Бабуселам.
Генералниот секретар на ИХХ, Дурмуш Ајдин, изјави дека семејствата што повеќе години живеат во шаторски кампови во тешки услови, во Градот на надежта сега имаат простор за живеење со подобри можности.
Наведувајќи дека особено задоволство претставува фактот што проектот е завршен и семејствата почнуваат да се вселуваат пред зимската сезона, Ајдин истакна:
„Своите нови домови тука ќе ги најдат 1.400 семејства. Градот на надежта е целосно опремен со сета основна инфраструктура, како водоводна и канализациона мрежа, електрична инфраструктура и уредени патишта.“