Talha Yavuz
13 Декември 2021•Ажурирај: 14 Декември 2021
КИЕВ
Министерот за одбрана на Украина, во недела ја обвини Германија дека ја блокира продажбата на оружје на неговата држава преку Организацијата на Северноатлантскиот договор (НАТО), и покрај предупредувањата на САД за можна руска инвазија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Минатиот месец, Германија стави вето на продажбата на противвоздухопловно оружје и противснајперски системи преку Агенцијата за поддршка и набавки на НАТО, кажа Алексеј Резников во интервју со „Фајненшал тајмс“ (Financial Times).
„Тие продолжуваат да го градат гасоводот Северен тек 2 и во исто време го блокираат нашето [купување] одбранбено оружје. Ова е многу неправедно“, додаде тој, мислејќи на рускиот гасовод кој поминува низ Балтичкото море до Германија.
Резников додаде дека со оглед на потегот на Германија, Украина ќе се обиде да набави оружје преку билатерални односи со своите сојузници, вклучувајќи ги Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Литванија и Франција.
Од март 2014 година, Украина е зафатена со конфликт во нејзините источни региони кои граничат со Русија, по нелегалната анексија на Крим од страна на Русија.
Западните земји ја обвинуваат Русија за дестабилизација на регионот со воена поддршка на сепаратистите.