Hamdi Yıldız
13 Декември 2021•Ажурирај: 14 Декември 2021
МАРИБ
Арапските коалициски сили предводени од Саудиска Арабија соопштија дека убиени се 215 припадници на милициите во нападите врз позициите на Хусите во јеменската провинција Мариб и Западниот брег, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста што ја објави „SPA“, официјалната агенција на Саудиска Арабија, коалицијата за поддршка на легитимната влада во Јемен во последните 24 часа спровела 35 воздушни операции во покраината Мариб и 3 воздушни операции на Западниот брег, за поддршка на владините сили.
Во веста се наведува дека повеќе од 200 припадници на милициите на Хусите се неутрализирани во Мариб, 15 се неутрализирани на Западниот брег, а во исто време се уништени и 23 воени возила во двата региони.
Од друга страна, според веста што ја објави новинската агенција „Саба“, поврзана со Хусите, коалициските сили извршиле 25 воздушни напади во провинцијата Мариб.
Во веста се истакнува дека 4 воздушни напади се извршени врз областа Сирвах во Мариб, а 21 воздушен напад врз градот Ал Вади.
- Граѓанската војна во Јемен
Во Јемен, каде што долго време владее политичка нестабилност, Хусите поддржани од Иран од септември 2014 година го контролираат главниот град Сана и некои региони.
Коалициските сили предводени од Саудиска Арабија од март 2015 година ја поддржуваат јеменската влада против Хусите.
Конфликтите во земјата се интензивираат во Мариб и неговата околина, кое е едно од најважните упоришта на владата и претставува регион во кој се наоѓаат извори на нафта и природен гас.