Bayram Altuğ
13 Декември 2021•Ажурирај: 14 Декември 2021
ЖЕНЕВА
Специјалниот известувач за човекови права на Обединетите нации (ОН) во Мјанмар, Том Ендрјус, ја повика меѓународната заедница да не заборави на 1 милион аракански муслимани кои мораа да ја напуштат својата земја за да избегаат од „геноцидот“ на армијата на Мјанмар, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Високиот комесаријат на ОН за човекови права (ОХЦХР), специјалниот известувач Andrews ќе ја оствари својата прва посета на Бангладеш на 13-19 декември.
Ендрјус ќе ги посети бегалските кампови во главниот град Дака, Кокс Базар и островот Басан Чар, каде што подоцна се преселени голем број на аракански муслимани.
Покрај владини претставници, Ендрјус ќе се сретне и со претставници на ОН во регионот и претставници на араканските муслимани.
Во изјавата дадена пред посетата, Ендрјус истакна: „Светот не треба да заборави на речиси еден милион аракански муслимани (Рохинџи) кои се принудени да го напуштат Мјанмар за да ги спасат своите животи поради геноцидот на армијата врз нив“
Ендрјус подвлече дека араканските муслимани сакаат „безбедно, достоинствено и одржливо враќање“ во својата татковина кога тоа ќе го дозволат условите.
„Мјанмарската хунта продолжува систематски да ги крши човековите права на својот народ, затоа од клучно значење е глобалната заедница да ги поддржи оние кои се принудени да ги напуштат своите домови од Мјанмар и да заминат во Бангладеш“, нагласи Ендрјус додавајќи дека е горд што ќе има можност да се сретне со араканските муслимани.
Ендрјус на прес-конференцијата што ќе ја одржи во Дака на 19 декември ќе ги сподели своите впечатоци од посетата.
- Етничко чистење на муслиманите од Аракан
Муслиманите од Аракан со законот донесен во 1982 година го изгубија правото за државјанство.
Во Мјанмар, во моментот официјално се признаваат 135 различни етнички групи. Радикалните будисти се спротивставуваат на признавањето на муслиманите од Аракан.
Во 2012 година во мјанмарската држава Аракан настанаа судири меѓу будистите и муслиманите, во кои илјадници луѓе беа масакрирани, од кои повеќето муслимани, а беа запалени стотици куќи и деловни простории.
Мјанмарската војска и будистите националисти започнаа со масовни насилства, а како причина ги наведоа истовремените напади врз граничните полициски станици во Аракан извршени на 25 август 2017 година.
Податоците на Обединетите нации (ОН) покажуваат дека од август 2017 година досега, поради притисоците и суровоста во Аракан, во соседен Бангладеш побегнале над 900.000 лица.
Обединетите нации и меѓународните организации за човекови права насилството врз араканските муслимани го нарекоа етничко чистење - геноцид.