Ekip
13 Декември 2021•Ажурирај: 14 Декември 2021
БРИСЕЛ
Високите дипломати на ЕУ ќе се фокусираат на спречување на руската агресија врз Украина и Блокот е подготвен да воведе сериозни мерки против Русија во случај конфликтот да ескалира, изјави денес шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Засилувањето на руската Војска во и околу Украина ќе биде на врвот на агендата на министрите за надворешни работи на ЕУ додека се собираат во Брисел“, рече Жозеп Борел на пат кон состанокот.
„Ќе испратиме јасен сигнал дека секоја агресија против Украина ќе има висока цена за Русија, но сега се обидуваме да дадеме сѐ од себе за да спречиме да се случи тоа“, рече тој, нагласувајќи дека министрите за надворешни работи се во „режим на одвраќање“.
Министрите ќе разговараат и за последиците од миграциската криза на границите на ЕУ со Белорусија, како и за ситуацијата во Авганистан и Централна Азија.
Борел објасни и дека ќе разговараат за кипарското прашање и повторното отворање на градот Мараш (Вароша на грчки) во Турската Република Северен Кипар.
Тој нагласи дека министрите нема да преземаат никакви одлуки за санкции за време на состанокот, отфрлајќи ги претходните извештаи дека на дневен ред ќе бидат рестриктивните мерки против руската платеничка компанија „Вагнер груп“.
Министрите за надворешни работи ќе присуствуваат на работен ручек со катарскиот вицепремиер и врвен дипломат Мохамед бин Абдулрахман ал Тани.