Meiramgul Kussainova
22 Јуни 2022•Ажурирај: 23 Јуни 2022
КИЕВ (АА) - Украинските воени единици извршиле офанзивна операција против Руската армија во Херсонската Област на југот на земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Наталија Гуменјук, началничка на прес-службата на јужните одбранбени сили на Украина, во изјавата за локалните телевизиски канали рече дека Украинските вооружени сили спроведуваат офанзивна операција во регионот Херсон, но од безбедносни причини не ги откриваат населените места, чија контрола е вратена од руските војници.
„Имаме успеси во контраофанзивната операција со која значително унапредивме во источниот правец. Но, во овој момент, ние не ги објавуваме населбите што ги ослободивме за да не ги изложиме повторно на силни и брутални воздушни напади од непријателските трупи“, истакна Гуменјук.
Додаде дека операцијата продолжила и на Змискиот Остров и дека другата страна претрпела значителни загуби во нападот на украинските војници: „Знаеме дека противвоздушниот ракетен систем од типот „Панцир“ е оштетен до тој степен што е целосно неупотреблив и радарската станица не функционира.“
- Зеленски: „Постепено ја ослободуваме Херсонската Област“ -
Украинскиот претседател Владимир Зеленски во видеопорака синоќа нагласи дека ја зајакнале одбраната во областа Луганск.
„Ги браниме Миколаев и Запорожје на југ, постепено ја ослободуваме Херсонската Област“, додаде Зеленски.
Во претходната изјава беше нагласено дека украинските сили извршиле 150 напади во последните 24 часа.
Од друга страна, во соопштението на украинскиот Генералштаб се наведува дека руските војници продолжиле да се концентрираат во правците Северодоњецк и Бахмут за да стигнат до административните граници на областа Луганск.
Исто така, се нагласува дека е одбиен непријателскиот напад во правец на термоцентралата „Углегорск“ во областа Доњецк.
Виталиј Ким, шефот на воениот административен регион Миколаев, истакна дека руските војници во градот лансирале 7 проектили.