Talha Yavuz
13 Април 2021•Ажурирај: 13 Април 2021
КИЕВ
Министерството за надворешни работи на Украина ја повика Русија да ги повлече воените трупи од украинската граница и да ги исполни одредбите од договорот од Минск, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на ова министерство се потсетува дека на 7 април, во рамките на Виенскиот документ од 2011 година на Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ), од Русија е побарана официјална изјава во врска со зголемувањето на военото присуство на украинската граница.
Според соопштението, Русија одбива да даде објаснување во врска со случајот, а се истакнува дека консултативните иницијативи за намалување на тензиите се негирани од страна на Русија.
Во соопштението се упатува апел до Русија за повлекување на воените трупи од украинската граница, за откажување од дезинформации и од воениот став, како и за исполнување на безбедносните одредби што произлегуваат од договорите од Минск.