Selman Aksünger
12 Април 2021•Ажурирај: 14 Април 2021
ХАГ
Организацијата за забрана на хемиското оружје соопшти дека силите на режимот на Асад извршиле хемиски напад во областа Саракиб на југоистокот од Идлиб во февруари 2018 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во извештајот објавен денес се наведува дека воздушните сили на режимот на Асад користеле хемиско оружје во воздушниот напад врз Серакиб на 4 февруари 2018 година.
Во извештајот се забележува дека 12 лица се повредени во воздушниот напад источно од Саракиб извршен со хеликоптер што им припаѓал на сирискиот режим и на единицата „Тигарски сили“ во 21:22 часот ноќта на 4 февруари.
Исто така се посочува дека цилиндарската бомба употребена во нападот емитувала гас сарин што влијаел на голема површина.
Се потсетува дека извештајот е втор извештај на Тимот за истраги и идентификација, основан во 2018 година од Организацијата за забрана на хемиското оружје, за откривање на хемиските напади во Сирија.
- Организацијата за забрана на хемиското оружје го објави својот прв извештај во 2020 година
Во својот прв извештај објавен во април 2020 година, Организацијата за забрана на хемиското оружје објави дека 16 лица се повредени, а земјоделските површини се оштетени во воздушниот напад на борбениот авион на сирискиот режим „СУ-22“, што полетал од воздушната база „Шајрат“ на 24 март 2017 година.
Тимот за истрага и идентификација, основан од Организацијата за забрана на хемиското оружје во 2018 година, во својот извештај за 2020 година за прв пат посочи на виновникот за нападот во Сирија и го повика режимот на Асад на одговорност.
Координаторот на тимот за истраги и идентификација, Сантијаго Онате Лаборде, рече дека неговиот тим пронашол многу сериозни докази дека хемиското оружје било користено од страна на силите на режимот во воздушните напади во Латамне во март 2017 година.