Halit Süleyman,Levent Tok,Selen Temizer
13 Декември 2016•Ажурирај: 13 Декември 2016
АЛЕПО (АА) - Откако сириските опозициски сили се повлекоа од уште три реони во источниот дел на Алепо, поради жестоките напади од страна на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад и неговите сојузници, десетици илјади сириски цивили останаа заробени на територија од само шест квадратни километри, јавува Anadolu Agency (AA).
Во последните 28 дена, во бомбардирањето на источно Алепо загинаа 1.071 цивили, а повредени се илјадници.
Како што јавува новинарот на АА од Алепо, по жестоките напади што траеја до вчера напладне, опозициската војска се повлече од населбите Баб Антакија, Бустан ал-Каср и од Челум, каде што се наоѓа познатата Емевијска џамија.
Така, од 8,6 квадратни километри територија колку што претходно контролираше, на опозициската војска ѝ преостанаа 6 квадратни километри, територија што силите на Асад, со поддршка на шиитските милитанти, продолжуваат да ја бомбардираат од воздух и од копно.
Еден дел од цивилите останаа во регионите во коишто војската на Асад ја презеде контролата. Исто така, се дознава дека силите на режимот на еден дел од цивилите им дозволува да го напуштат регионот, но уште нема информации во кој правец одат тие.
Шиитските милитанти, поддржани од Иран, ги спречуваат цивилите да го напуштат регионот, а тоа доведува до поголем број цивилни жртви.
Се дознава дека силите на режимот и шиитските милитанти вчера живи запалиле четири деца и девет жени, а 67 мажи биле стрелани.
Од 15 ноември, силите на Асад поддржани од сојузниците, продолжуваат со бомбардирање на источниот дел од Алепо од воздух и од копно. Во последните 28 дена во овој град загинаа најмалку 1.071 цивили, а повредени се илјадници.