Mohamad Misto
13 Декември 2016•Ажурирај: 14 Декември 2016
АНКАРА (АА) – Зачестуваат и се зголемуваат повиците за помош што ги упатуваат старците, жените и децата жртви на масакрот што со интензивните бомбардирања во источен Алепо го вршат режимот на Башар ал Асад и шиитските милиции под негова команда, јавува Anadolu Agency (AA).
Еден постар жител на Алепо на социјалната мрежа ја споделил видеоснимката направена пред урнатините од бомбардирања, во којашто со очи полни солзи зборува за состојбата во градот.
Во видеото, старецот од Алепо вели: „Умираме во Алепо! Гладни сме! Ни ги убиваат децата! Жените ни се на крајот од силите! Не ни остана ништо. Каде сте? Вие што нѐ слушате, плашете се од Господ! Еј, луѓе што ве створил Господ! Каде сте? Ние умираме! Нѐ убиваат! Не ни остана ништо! Немаме вода! Кој ќе нѐ чуе, нека нѐ спаси!”
До Anadolu Agency (АА) пристигна нов аудиозапис, во кој се вели дека режимот и иранските шиитски милиции под негова команда, ги притиснале цивилите од Алепо на простор од 6 квадратни километри и убиле повеќе десетици илјади лица.
Мајката Фатма успеала преку интернет да ја испрати аудиоснимката, која ја опишува беспомошноста на народот:
„Ве молиме, направете нешто! Безживотните тела на улиците ни ги горат душите. Ве молиме, направете нешто! Направете нешто и спасете нѐ од ситуацијата во која се наоѓаме. Тука е полно со мртви тела. Во име на Господ, преземете нешто!“
Едно друго семејство чии деца плачат од шокот поради бомбардирања и смртта што е насекаде околу нив, на аудиоснимката ја опишува ситуацијата.
Детето Амар од Алепо зборува за стравот што го преживува: „Авионите нѐ бомбардираат од рано утро! Болниците не работат! Детските тела се јагленисаа! Нема лекови! Нема храна!“
Друго семејство од Алепо преку интернет ја сподели аудиоизјавата на својата ќерка Селма. Малечката Селма, плачејќи вели: „Во име на Господ, извадете нѐ оттука! Нѐ уништија! Во име на Господ, извадете нѐ оттука! Башар нѐ убива! Сторете нешто, помогнете ни! Сторете нешто, извлечете нѐ од тука!“
Режимот, иранската шиитска милиција која е под негова контрола и Русија во последните 28 дена, во нападите врз источниот дел на Алепо убија 1.071 цивил, додека повеќе илјади се ранети.