Bayram Altuğ
13 Декември 2016•Ажурирај: 14 Декември 2016
ЖЕНЕВА (АА) - Најмалку 82 цивили биле убиени вчера во источниот дел на Алепо, потврди Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации (ОН), јавува Anadolu Agency (AA).
Меѓу загинатите во нападите од силите лојални на сирискиот претседател Башар ал-Асад и неговите сојузници има 13 деца и 11 жени. Тие биле убиени во нивните домови.
Портпаролот на Високиот комесар Руперт Колвил во Женева изјави дека во источниот дел на Алепо има уште илјадници цивили. Според него, целата област е под жестоко бомбардирање.
„Добивме информации дека силите од режимот на Асад влегуваат во куќите на цивилите убивајќи жени и деца. Според информациите што дојдоа до нас, вчера загинаа најмалку 82 цивили, меѓу кои има 11 жени и 13 деца“, изјави Колвил.
Тој нагласи дека нема никакви конкретни информации за судбината на стотици мажи на возраст меѓу 30 и 50 години, кои се водат за исчезнати по преминувањето од источниот кон западниот дел на Алепо.