Halit Süleyman,Ayşe Aktaş
12 Јануари 2017•Ажурирај: 13 Јануари 2017
АЛЕПО (АА) - Во нападите на режимските сили на териториите под контрола на опозицијата, кои се наоѓаат на запад и на југ од предградијата на сирискиот град Алепо, загинаа осум, а повредени се 11 цивили , јавува Anadolu Agency (AA).
Официјалниот претставник на Цивилната заштита, Неџип Енсари истакна дека сириските воени авиони извршиле напад врз селото Бекa, во западниот дел на Алепо, и дека во овој напад загинаа седум цивили, од кои три се деца, а 11 се повредени.
Ансари додаде дека артилериските единици во Дамаск извршиле напад на Бенен ел-Хис, во јужниот дел на Алепо, при што загинало дете.
„Откако на сила стапи прекинот на огнот, на 30 декември, режимот и неговите поддржувачи секојдневно го прекршуваат. Тимовите на цивилната заштита дојдоа до цивили заробени под урнатините во Бекa. Режимот во оваа област продолжува да го напаѓа населението“, рече Ансари.
Јусуф ал Бустани, член на Комисијата за локална координација на Сирија, рече дека режимот на Асад и неговите поддржувачи во долината на Барада, Дамаск, продолжуваат со интензивните напади.
„Силите на Асад и милицијата на Хезболах интензивно ги бомбардираат областите во долината на Барада откако стапи на сила договорот за прекин на огнот. Наведените сили и денес ги напаѓаа места Бесиме и Ајн ал-Фиј“, рече Бустани.
Тој додаде дека цел на нападите е и подрачјето Херземе, кое припаѓа на Источна Гута.
„Поради тоа што режимот ги прекина интернетот и телефонската комуникација, активистите преку сателитски телефони се обидуваат да испратат порака до светот за она што се случува во Сирија. Меѓународната заедница мирно набљудува што се случува во долината на Барада, како што го правеше и во Алепо“, рече Бустани.
Договорот за прекин на огнот меѓу завојуваните страни во Сирија стапи во сила на 30 декември, со посредство на Турција и Русија. Сепак, силите на Асад и терористичките групи поддржувачи на режимот во одредени области и понатаму го кршат договорот за прекин на огнот.