Kaamil Ahmed
12 Јануари 2017•Ажурирај: 13 Јануари 2017
Политичките опоненти на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху почнаа да вршат притисок врз него откако излегоа повеќе детали од полициската истрага во врска со обвиненијата за земање поткуп, јавува Anadolu Agency (AA).
Вчера, опозицискиот лидер Исак Херцог повика Нетанјаху да биде лишен од комункациското портфолио, откако се појавија информации дека разговарал за евентуален договор со израелски медиумски магнат кој би му помогнал во периодот до изборите 2015 година.
Според израелскиот дневен весник „Хаарец“, полицијата има снимки од разговорот меѓу Нетанјаху и Арон Мозес, издавач на дневниот весник „Једиот Ахронот“ на хебрејски јазик, во кои двете лица разговараат за тоа да се објавуваат позитивни работи за Нетанаху во медиумите во предизборието.
Во писмото до израелскиот јавен обвинител, Херцог вели дека аферата покажала оти Нетанјаху имал јасен интерес и директна поврзаност со израелскиот весник „Хајом“ (кој го претставува премиерот во позитивна светлина), објави „Једиот Ахронот“.
Нетанјаху претходно тврдеше дека нема директно влијание врз објавите на весникот.
Премиерот исто така беше двапати испрашан минатата недела во врска со тврдењата дека примал подароци од бизнисмени, во замена за политички услуги.
Тој во неколку наврати негираше дека сторил нешто лошо, а за време на испрашувањето рече: „Нема да има ништо, бидејќи не сторив ништо“.