Mehmet Tosun
10 Јануари 2020•Ажурирај: 12 Јануари 2020
АНКАРА
Во Турција денеска се одбележува празникот 10 јануари - Ден на активните новинари, а станува збор за празник на медиумските работници воспоставен на денешен ден во 1961 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Освен што е специфичен како празник кој се одбележува само во Турција, овој ден секоја година е и време кога во Турција јавноста се присетува на оние новинари кои чесно ја извршувале својата работа, не штедејќи го притоа и сопствениот живот.
Често под „дожд“ од куршуми и гранати пренесуваат најтешки човечки драми, известуваат од најопасните подрачја, при што често се ранети, а некои од нив ги губат дури и своите животи, извршувајќи на својата новинарска задача.
Меѓу оние кои го изгубиле животот, работејќи ја својата работа, е и новинарот на АА, Абдулкадир Нишанџи, кој на 10 мај падна во провалија за време на новинарска задача на планината Соганли меѓу турските градови Бајбурт и Трабзон на северниот дел на Турција. Несреќата ја предизика одрон на снежна маса, додека Нишанџи го следел пробивањето на патот во тој регион. За време на потрагата загинаа двајца турски војници, а телото на Нишанџи е пронајдено 14 дена подоцна, и тоа во кањон речиси 4 километри подалеку од местото на кое паднал.
- Новинари кои настрадаа за време на известувањето од Сирија
Фоторепортерот на АА, Синан Ѓул, е ранет во 2012 година од снајпер во Алепо. Тој беше опериран и успешно заздрави од повредата здобиена извршувајќи ја својата новинарска задача.
Во Алепо животот го загуби новинарот на АА, Салих Махмуд Лејла. Тој загина во бомбашки напад кој терористите на ДЕАШ го извршија во 2015 година.
Истата година во сириската област Алепо загина и фоторепортерот Весим ал Адил кој работел како фриленсер и за АА. Тој загина во воздушен напад кој руските сили го извршија во септември 2015 година во местото Бинин.
Во местото Дера на јужниот дел на Сирија загина и 21-годишниот новинар Меџид Дирани. Тој загина во тенковски напад кој во февруари 2016 година го извршија силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад. Загина додека ги снимал режимските напади на Асад врз Дера која беше под потполна опсада.
Енес Диџаб е уште еден од репортерите кои го загубија животот, известувајќи од сириските боишта. Како соработник на АА Диџаб загина во воздушен напад кој руските сили во Идлиб го извршија во јули минатата година.
- Новинарите беа цел на терористички напади, а некои настрадаа и на протести, во несреќи...
Терористите на ЈПГ/ПКК, во октомври минатата година ја гаѓаа зградата од која новинарите известуваа за антитерористичката операција „Извор на мирот“, која турските сили ја спроведоа на североисточниот дел на Сирија. Нападот се случи во октомври минатата година, а ранети беа новинарите на АА, Омер Јасин Ергин и Ахмет Каплан.
Фоторепортерот на АА, Мустафа Јалчин, е ранет за време на протестите кои во Франција се одржуваат поради владиниот план на реформи на пензискиот систем. Тој беше ранет во окото од страна на полицаец со капсула за солзавец.
Сарп Озер е уште еден новинар на АА кој страдаше за време на известувањата од Сирија. Како репортер кој ја следел антитерористичката операција „Маслинова гранка“, тој беше ранет за време на гранатирање во Африн.
Израелската војска го рани и новинарот на АА, Али Џадалах, и тоа со гумен куршум во главата додека ги следел случувањата во Газа.
Од настаните кобни за новинарите на должност се издвојува и сообраќајната несреќа која во 1994 година се случи во турскиот Чорум. Загинаа четворица новинари кои ја следеле посетата на тогашната турска премиерка Тансу Чилер.
Во март 2009 година во Турција се случи хеликоптерска несреќа во која загина политичарот Мухсин Јазиџиоглу и уште пет лица, меѓу кои и новинарот на агенцијата ИХА, Ислаим Ѓунеш.
Хеликоптерот се враќал од митинг во Кахраманмараш, а храбриот новинар Ѓунеш до последниот свој здив испраќал информации и ја пријавил несреќата на надлежните служби.
Меѓу големиот број жртви од разорниот земјотрес кој на 9 ноември 2011 година го погоди турскиот град Ван, беа и новинарите на агенцијата ДХА, Сабахатин Јилмаз и Џем Емир. И покрај сите ризици, тие известувале од терен, а нивните безживотни тела третиот ден по земјотресот беа извлечени од под урнатините на хотелот „Бајрам“.