Şükrü Gündüz,Abdullah Çelik,Ali Tepe
22 Февруари 2019•Ажурирај: 23 Февруари 2019
ИСТАНБУЛ/ ДИЈАРБАКИР(AA) - Во неколку градови во Турција, меѓу кои и во Истнабул, се одржа погребната молитва во отсуство за деветмината млади луѓе кои беа егзекутирани од властите во Египет, јавува Anadolu Agency (AA).
Погребната молитва во отсуство за егзекутираните деветмината млади лица во Египет беше одржана по петочната молитва (џума намаз), а исто така се одржаа и протестни собири со кои беше искажано незадоволство поради одлуката на египетските власти за егзекуција на младите лица.
На протестните собири организирани во градовите Дијарбакир, Бингол и Сирт, демонстрантите носеа слики од деветмината егзекутирани млади лица, повикувајќи ги властите во Египет да престанат со егзекуциите.
Друг протест се одржа и во Истанбул. По протестот, во џамијата Фатих, исто така, се одржа молитва во отсуство за лицата кои ги загубија своите животи спротивставувајќи се на државниот удар во Египет.
Потсетуваме, „Амнести интернешнл“ објави соопштение во кое бараше запирање на егзекуцијата на деветмината млади лица коишто беа осудени на смртна казна.
Во соопштението се вели дека осудениците, со цел да бидат егзекутирани, од своите ќелии биле префрлени во затворот во Каиро, додавајќи дека на обвинетите им било судено незаконски.
Покрај тоа, во соопштението се наведува дека за време на судењето, некои од обвинетите изјавиле дека биле „измачувани за да го признаат делото“.
Египетскиот Врховен суд во ноември 2018 година ги одобри смртните казни што им беа досудени на деветмината обвинети за атентатот врз јавниот обвинител Хишам Берекат, извршен во 2015 година. Обвинетите за време на судскиот процес ги негираа обвиненијата против нив, изјавувајќи дека признанијата им биле изнудени со измачување.