Jeyhun Aliyev
21 Ноември 2018•Ажурирај: 22 Ноември 2018
АНКАРА (АА) - Турција ископа речиси 70 бунари со цел задоволување на потребите за вода за над 400.000 луѓе во северна Сирија, во регионот кој пред извесно време беше ослободен од терористите, јавува Anadolu Agency (AA).
Мевлут Ајдин, челникот на турската Дирекција за водоснабдување, истакна дека се работи напорно за да се подмират потребите на населението што живее во подрачјата во Сирија каде што се создадени безбедносните зони преку операциите на турските безбедносни сили.
„Вкупно 69-те бунари ископани од страна на Дирекцијата во подрачјето на Сирија ослободено во офанзивата „Штитот на Еуфрат“ раководена од турските сили во периодот 2016-2017 година, ги задоволија итните потреби за пивка вода на околу 432.000 Сиријци“, истакна Ајдин.
Покрај копањето нови бунари, Дирекцијата, исто така, обнови и 60 стари бунари што биле надвор од употреба.
Во турските области што се наоѓаат во близина на границата со Сирија, Шанлиурфа, Хатај и Килис, каде што засолниште од Граѓанската војна пронајдоа илјадници Сиријци, Дирекцијата за водовод ископа уште 50 бунари за пивка вода за половина милион луѓе.
Турција во моментот има згрижено 3,5-4 милиони сириски бегалци, најмногу од која било земја во светот.
Со офанзивата „Штитот на Еуфрат“, која траеше од август 2016 година до март 2017 година, под водство на турските сили, во соработка со Слободната сириска војска, беше елиминирана терористичката закана по должината на турската граница, односно во северните сириски подрачја Џарабулус, Ал Раи, Ал Баб и Азаз.