Anees Suheil Barghouti
21 Ноември 2018•Ажурирај: 22 Ноември 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Министерката за правда на Израел, Ајелет Шакед, денес изјави дека американскиот мировен план за Блискиот Исток, познат како „Договор на векот“, е губење време, пренесува Anadolu Agency (AA).
„САД не треба да го губат своето време за подготвување на мировниот план бидејќи јазот помеѓу Израел и Палестинците е премногу голем да може да се премости“, изјави Шакед на конференција во Ерусалим организирана од израелскиот дневен весник „The Jerusalim Post“ (Ерусалим пост).
Таа додаде дека способноста за заплашување што Израел ја постигна кон Хамас по нападите врз Газа во 2014 година во последните две години е еродирана.
Како што пренесува весникот, Шакед смета дека примирјето постигнато минатата недела помеѓу Израел и фракциите на отпорот предводени од Хамас во Газа нема да издржи повеќе од неколку месеци.
„Кога ќе пропадне, Израел ќе мора да употреби поголема сила отколку што има применето претходно“, нагласува министерката за правда.
Во текот на изминатите десет дена, во израелските артилериски и воздушни напади врз Газа беа убиени најмалку 14 Палестинци.
На почетокот од минатата недела, при неуспешен обид за влез на израелските сили во приморската енклава, беше убиен израелски војник, а друг беше ранет.
Судирите прекинаа минатиот вторник откако беше постигнато примирје со посредство на Египет помеѓу Израел и фракциите на отпорот под водство на Хамас.