Talha Yavuz
16 Декември 2021•Ажурирај: 17 Декември 2021
КИЕВ (АА) - Турција и Украина денеска ја одбележуваат 30-годишнината од нивните билатерални односи, кои датираат од 1991 година, кога Украина прогласи независност, а Турција беше меѓу првите кои ја признаа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи за АА, турскиот амбасадор во Украина, Јагмур Ахмет Ѓулдере, изјави дека односите меѓу Анкара и Киев изминале долг пат во текот на три децении.
„Нашите народи се поблиску од кога било досега. Но познавањето на нашите земји не е ограничено на 30 години, тоа е многу повеќе вкоренето“, изјави тој.
На 3 февруари, Киев треба да биде домаќин на 10. Стратешки совет на високо ниво меѓу Турција и Украина, при што шефовите на државите се очекува да присуствуваат на настанот што ќе ја одбележи 30. годишнина од дипломатските односи.
Претходно, украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, рече дека двете земји го гледаат претстојниот состанок на Советот како можност за потпишување на долгоочекуваниот договор за слободна трговија.
Во Анкара овој месец се очекува да се одржи вториот состанок од форматот Квадрига за консултации за политика и безбедност, кој за првпат се одржа во 2020 година во Киев со учество на министрите за надворешни работи и министрите за одбрана на двете земји.
Турскиот и украинскиот лидер поставија годишен обем на трговска размена од 10 милијарди долари, што во моментов изнесува повеќе од 5 милијарди долари.
Турција, пак, се очекува да постави нов рекорд на ова поле со тоа што до крајот на оваа година ќе биде домаќин на повеќе од 2 милиони украински туристи.
Земјите се договорија за патување без визи и пасоши во 2017 година.
- Односи меѓу Турција и Украина -
По распадот на Советскиот Сојуз, Турција стана една од првите земји што ја призна Украина на 16 декември 1991 година, а двете земји воспоставија дипломатски односи на 3 февруари 1992 година.
Договорот за пријателство и соработка меѓу Украина и Турција беше ратификуван во 1993 година.
Во 1649 година бил потпишан првиот договор меѓу Козаците во Украина и Османлиското Царство.
Исто така, Османлиското Царство беше една од првите држави што ја призна Украинската Народна Република во 1918 година.