Lejla Biogradlija
23 Септември 2021•Ажурирај: 24 Септември 2021
САРАЕВО (АА) - Министерката за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисера Турковиќ, изјави дека Турција игра многу конструктивна и важна улога на Балканот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи за АА во врска со актуелната агенда во регионот, Турковиќ изјави: „Економскиот, политичкиот и културниот придонес на Турција е продуктивен за сите земји во регионот.“
Таа рече дека проектот за Автопатот Сараево - Белград поддржан од Турција има меѓународно значење.
„Мораме да инсистираме на завршување на проектот што ќе придонесе многу за економскиот развој. Не смееме да го жртвуваме проектот за дневнополитички потреби и индивидуални интереси“, рече Турковиќ.
Еден од најважните проекти за Балканот е Автопатот Сараево - Белград, финансиран од Турција, а неговата изградба на српската страна продолжува, и покрај пандемијата.
Турција го гледа автопатот како алатка за промовирање мир во регионот.
Турковиќ нагласи дека нејзината земја е секогаш отворена за соработка и заеднички проекти.
„Босна и Херцеговина е и ќе продолжи да биде неизбежен фактор во решавањето на сите регионални проблеми. Секоја земја во регионот има свои проблеми, но ние не обвинуваме никого. Чувството на доминација го оддалечува регионот од патот на стабилност и членство во Европската Унија (ЕУ)“, рече Турковиќ.
Таа додаде дека треба да бидат амбициозни, трпеливи и одлучни на маратонот на кој тргнале.
„Босна и Херцеговина одржува стабилен мир 26 години со помош на своите меѓународни партнери, по крвавата војна“, рече Турковиќ.
На прашањето каков е нејзиниот моментален став за „Отворен Балкан“, таа рече дека секоја регионална иницијатива ја сметаат за позитивна, под услов да не се судри со имплементацијата на Заедничкиот регионален пазар и инфраструктурата предвидена со Економскиот и инвестицискиот план и да не ги удвојува процесите предвидени со него.
„Ќе ве потсетам дека со потпишување на документите на Самитот на Берлинскиот процес во Софија, нашиот регион се обврза да ги прифати стандардите на пазарот на Европската Унија. Тоа, конкретно, значи големи можности за домашните компании со кои се отвора пазарот на земји во кои живеат 18 милиони жители, а кој ќе биде организиран според принципите на четирите слободи на Европската Унија - слобода на пружање услуги и слобода на движење на капитал, лица и стоки. Исто така, планирано е постепено да се оди кон заедничко признавање на академските дипломи и стручните квалификации, за граѓаните да имаат пристап до пазарите на трудот на земјите на Западен Балкан. Самиот факт што пазарот на Западен Балкан ќе биде уреден како во ЕУ, значи дека регионот и нашата земја ќе бидат многу повеќе подготвени за настапување на пазарот на ЕУ“, изјави Турковиќ.
„Време е да свртиме нова страница во регионот и да разговараме за тоа што треба да се направи за граѓаните да живеат подобар живот. Границите се свети, но мора да отвориме нови врати за почитување на нашите разлики за помирен живот“, рече Турковиќ.
Иницијативата „Отворен Балкан“ или „Мини Шенген“ со регионална слобода на движење, како и слободно движење на стоки, капитал и услуги, во моментов е поддржана од Србија, Северна Македонија и Албанија.