Kemal Karadağ
22 Септември 2021•Ажурирај: 23 Септември 2021
АНКАРА (АА) - КЕМАЛ КАРАДАГ -
Турските безбедносни сили во рамките на борбата против терористичката организација ФЕТО извршија 265 операции и приведоа 4.015 осомничени лица во објектите кои ги користеле како засолништа низ земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Терористите на ФЕТО во јули 2016 година извршија неуспешен обид за воен удар во Турција, а надлежните турски институции оттогаш водат опсежна борба против таа терористичка организација.
Еден од важните сегменти на таа борба е секако откривање на објектите, односно куќите и становите кои терористите на ФЕТО ги користат како засолништа и сали за состаноци.
Досега турските сили извршија 265 претреси во тие терористички засолништа и приведоа вкупно 4.015 лица, од кои 2.390 се задржани во притвор, 1.322 се бранат од слобода, а 3.030 лица се ослободени од обвиненија.
- Во тајните засолништа се приведени истакнати терористи на ФЕТО -
Се работи за тајни засолништа во кои челниците на терористичката организација ФЕТО се криеле и спроведувале подмолни терористички активности.
Во еден таков објект во Чанаккале е приведен и поранешниот генерален секретар на Високиот судски и обвинителски совет на Турција (HSYK) и поранешен член на Врховниот апелационен суд (Јаргитај), Мехмет Каја, кој ги организира состаноците за терористичките структури на ФЕТО инфилтрирани во турското правосудство.
Мехмет Бириџик, кој беше задолжен за управување со активностите на тие терористички ќелии, исто така беше приведен во такво тајно скривалиште во Истанбул. Ибрахим Татар, за кого се вели дека е основач на терористичката мрежа ФЕТО во Африка, беше приведен на ист начин, а исто така и Селман Ѓулен, внук на лидерот на ФЕТО, Фетула Ѓулен.
- Тајни скривалишта како безбедни пештери за терористите -
Со истрагата против терористичката организација ФЕТО е утврдено дека лидерот на ФЕТО, Фетула Ѓулен, им наредил на терористите да ги преземат сите мерки и да се сокријат за да не бидат откриени во Турција. Ѓулен лично наредил терористите да продолжат да се кријат во таканаречените „гајбубет-куќи“, односно тајни скривалишта.
Ѓулен преку апликацијата „Фалкон“ им нареди на сите терористи кои имаат намера да ја напуштат Турција, да се кријат во тие куќи за да не ризикуваат.
„Гајбубет“ во слободен превод значи отсуство, а „гајбубет-куќите“ во рамките на ФЕТО се скривалишта на терористите, и затоа тие најчесто се опишуваат како модерни пештери или терористички дувла. Во една од пресретнатите терористички пораки се наведува дека минутата помината во тие куќи за терористите претставува како да го поминале целиот ден во молитва.
- Истрагите открија дека ФЕТО претставува глобална терористичка закана -
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, припадниците на ФЕТО, со монтиран процес за наводна корупција, во правосудството на Турција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицерите на ФЕТО инфилтрирани во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските официјални претставници. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа 2.734 лица.