Selen Temizer
16 Декември 2021•Ажурирај: 17 Декември 2021
БРИСЕЛ (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека она што во моментов се случува на Крим, Црното Море и Азовското Море, треба да се оцени како дел од руските хибридни воени елементи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зеленски по средбата со Столтенберг во седиштето на НАТО во Брисел рече дека разговарале за заканата од Русија и учеството на Украина во различни вежби и мисии.
„Украина е сигурен партнер на НАТО и би сакал да нагласам дека ние сме среќни што ја зајакнуваме и продлабочуваме нашата соработка во регионот, особено во Црното Море“, нагласи Зеленски.
На прашањето за учеството на Украина во операциите на НАТО, и покрај тоа што не е членка, како во случајот со Авганистан, Зеленски рече дека во последните години Украина се гледа себеси како дел од НАТО, особено по анексијата на Крим во 2014 година.
Тој, исто така, додаде дека бројот на Украинците кои сакаат нивната земја да стане членка на НАТО е зголемен.
„Како што знаете, сите 30 сојузници во НАТО го поддржуваат членството на Украина. Чувствувам дека Русија ја турка Украина кон НАТО од 2014 година. Тоа е мојот став. Русија го отвора патот Украина да стане членка на НАТО“, додаде Зеленски.
- Украина треба да се фокусира на реформите за членство во НАТО -
На прес-конференцијата Столтенберг изјави: „Ние продолжуваме да ги поддржуваме напорите на Украина да стане членка на НАТО. Триесетте сојузници во НАТО ќе одлучат кога Украина е подготвена да стане членка. Сега е важно да се фокусираме на реформите за Украина да ги исполни стандардите на НАТО. Ја поздравувам вашата посветеност.“
Нагласувајќи дека поддршката на НАТО за Украина не претставува закана и е одбранбена соработка, Столтенберг додаде: „Овде агресор е Русија. Русија е таа што употреби воена сила против Украина со нелегалната анексија на Крим во 2014 година.“
Тој посочи дека сојузниците во НАТО се подготвени да се сретнат со Русија. „Ја повторуваме нашата покана до Москва да се врати во Советот НАТО - Русија. Бидејќи дијалогот е поважен тогаш кога тензиите се високи. Во исто време, НАТО [во врска со зголемување на бројот на руски воени сили во близина на украинската граница] продолжува да биде во состојба на готовност.“