Kemal Karadağ, Aykut Karadağ
24 Септември 2021•Ажурирај: 25 Септември 2021
АНКАРА (АА) - Откако турското Обвинителство издаде налог за приведување на најмалку 51 лице поради поврзаност со терористичката организација ФЕТО, во акциите извршени утринава веќе од слобода се лишени 35 од нив, јавува Агенција Анадолија (АА).
Со истрагата, која ја води Републичкото обвинителство во Анкара, откриени се лица во 19 турски области кои на специфични начини имале комуникација со високорангирани имиња во ФЕТО, користејќи фиксни телефони во киосци и маркети, и телефонски говорници.
Налогот за приведување е издаден за вкупно 51 лице, меѓу кои 20 високорангирани имиња на ФЕТО, 14 активни и 13 поранешни воени лица и четворица поранешни студенти на Воената академија.
Во рамките на утринските претреси, од слобода се лишени најмалку 35 лица, додека за 16 уште се трага.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, припадниците на ФЕТО, со монтиран процес за наводна корупција, во правосудството на Турција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицерите на ФЕТО инфилтрирани во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските официјални претставници. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа 2.734 лица.