Gökhan Ergöçün
02 Мај 2021•Ажурирај: 04 Мај 2021
ИДЛИБ (АА) - Турски невладини организации (НВО) изградија камп со куќички од Итонг-блокови во градот Мешед во северозападната сириска покраина Идлиб, јавува Агенција Анадолија (АА).
Кампот, кој содржи 384 куќички, џамија и амбуланта, ќе може да вдоми стотици изнемоштени семејства од војната, вклучувајќи и многу сирачиња.
Кампот, именуван по турскиот адвокат Неџип Кибар, кој почина во декември минатата година, беше изграден заедно со организацијата Општество за слободна мисла и образовни права („Озгурдер“), Фондацијата за сирачиња и Здружението „Фетих“, во координација со турската државна Агенција за справување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД).
Кибар исто така беше член на управниот одбор на „Озгурдер“.
Како дел од церемонијата на отворање на кампот, за локалното население беше организиран ифтар.
Ридван Каја, претседателот на „Озгурдер“, рече дека кампот е изграден во област каде што турските невладини организации и институции имаат изградено илјадници куќи за сиромашните луѓе.
Претходно, турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, најави дека турски невладини организации и институции ќе градат 50.000 куќички со бетонски блокови во северната сириска покраина. Од нив, половина од куќите се веќе изградени.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, преку АФАД, реализира донација за 50 куќи.
Мурат Јилмаз, претседателот на Фондацијата за сирачиња, рече дека семејствата ќе добијат подобро засолниште во овој камп.
Јилмаз Булат, претседателот на „Фетих“, исто така порача дека оние што избегале од нападите на сирискиот режим во последната зимска сезона ќе живеат во кампот.