Ekip
22 Декември 2022•Ажурирај: 26 Декември 2022
ЏУБА (АА) - Туркије продолжува да пружа хуманитарна поддршка за луѓето во Јужен Судан, најмладата земја во светот, која и понатаму е зафатена од нестабилност и безбедносни предизвици, јавува Агенција Анадолија (АА)
Последната поддршка беше обезбедена преку донација од Турската амбасада која обезбеди земјоделски алатки специјално за земјоделците во Џамјанг, област во северен Јужен Судан со голема бегалска популација.
Амбасадорот на Туркије, Ердем Мутаф, рече дека иницијативата била поттикната од посетата на Џамјанг, каде што турските власти биле сведоци на огромна потреба од алатки од прва рака на земјоделците.
Амбасадата, со поддршка на Турската агенција за управување со вонредни состојби (АФАД), набави голем број земјоделски алатки, кои беа врачени на церемонија во главниот град Џуба во средата.
Дут Акол Куол, висок функционер во Комисијата за прашања на бегалците на Јужен Судан, рече дека тоа ќе ги промени животите на бегалците.
„Ова им дава извор на средствата за живот. Турската Влада направи многу за Јужен Судан, особено амбасадорот кој прави постојани напори да им помогне на јужносуданските заедници и бегалците“, додаде тој.
Во текот на целата година, турската Агенција за соработка и координација (ТИКА) спроведе низа хуманитарни активности во Јужен Судан, вклучувајќи реновирање и надградба на опремата во училиштата и сиропиталиштата, зајакнување на жените преку обука и акции за дистрибуција на храна кои достигнаа илјадници луѓе.