Halime Afra Aksoy
28 Јули 2021•Ажурирај: 29 Јули 2021
ТУНИС (АА) - Тунискиот претседател Кајс Саид разреши неколку високи државни претставници, според државниот билтен, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во билтенот беа вклучени и последните одлуки на претседателот за разрешување на државните службеници, процес што се спроведува од неделата.
Меѓу разрешените од должност се директорот на Советот на премиерот, генералниот секретар на Владата и советниците на премиерот.
Во неделата Саид ја распушти Владата на премиерот Хишем Мечичи, ја замрзна работата на Парламентот и ја презеде извршната власт со помош на новиот премиер.
Потегот беше одбиен од поголемиот дел од парламентарниот блок на Тунис, меѓу кои и движењето Нахда, партијата Срцето на Тунис, Коалицијата за достоинство и Народното движење.
По одлуките на Саид, претседателот на Парламентот, Рашид Ганучи, го опиша потегот на претседателот како „планиран државен удар“ против тунискиот Устав, револуцијата и слободите во земјата.
Тунис се сметаше за единствената земја што успеала да спроведе демократска транзиција меѓу групата арапски земји кои беа сведоци на народни револуции преку кои беа соборени нивните владејачки режими, како Египет, Либија и Јемен.