Mohammad Sıo
25 Октомври 2025•Ажурирај: 26 Октомври 2025
РАМАЛА/ИСТАНБУЛ (АА) - Тројца палестински земјоделци се повредени денес откако се нападнати од илегални израелски доселеници во јужниот дел на Наблус, на окупираниот Западен Брег, јави палестинската новинска агенција Вафа, пренесува Анадолу.
Илегални доселеници нападнаа берачи на маслинки со стапови и кучиња во областа Вади ал-Хаџ Иса во Акраба, при што повредија тројца и ги истераа земјоделците од нивните ниви.
Во блискиот град Дума, израелските војници ги спречија Палестинците да пристапат до нивните полиња со маслинки, изјави претседателот на селскиот совет, Сулејман Давабша. Тој рече дека илегалните доселеници постојано напаѓале локални земјоделци, краделе маслинки, ги уништувале дрвјата и паселе добиток на приватни земјишта.
Според Комисијата против колонизацијата и Sидот на раздвојување, илегалните израелски доселеници извршиле повеќе од 7.000 напади врз Палестинците и нивниот имот на Западниот Брег од почетокот на геноцидната војна на Израел во Газа во октомври 2023 година. Тие вклучуваат 158 напади насочени кон берачи на маслинки од почетокот на овој месец.
Шефот на комисијата, Мујад Шабан, во изјавата на 21 октомври рече дека бербата на маслинки оваа година била „најтешка во последните децении“, наведувајќи ги големите израелски ограничувања со кои се означуваат земјоделските површини како „затворени воени зони“.
Бербата на маслинки е витален извор на приходи за илјадници палестински семејства. Според Министерството за земјоделство, овогодинешниот принос е меѓу најслабите во последните децении, каде производството се проценува на само 15% од просечното ниво.
Министерството соопшти дека Палестина произвела околу 27.300 тони маслиново масло во 2024 година, во споредба со само 10.000 тони во 2023 година.