Ikrame Imane Kouachi
03 Септември 2026•Ажурирано: 03 Септември 2026
Повеќе од 18 припадници на Хусите се убиени, а други се повредени или заробени денес откако јеменските сили одбиле напад на групата и започнале контраофанзива западно од Таиз, во југозападниот дел на земјата, соопшти медиумскиот центар на армијата, јавува Анадолу.
Медиумскиот центар соопшти дека припадници на Хусите извршиле напад врз позициите на армијата на планините Макбана, западно од провинцијата Таиз, при што се обиделе да се инфилтрираат во областите Ал-Ахтуб, Ал-Тувеир, Ал-Када и Џабал Габари.
Според соопштението, јеменските сили ги спречиле обидите за инфилтрација, по што започнале контранапад врз позициите на Хусите во истите области, со поддршка од концентриран артилериски оган насочен кон позициите и собирите на групата.
Армијата соопшти дека во судирите се убиени повеќе од 18 припадници на Хусите, има и повредени, а неколкумина биле заробени. Се додава дека телата на некои борци на Хусите останале во областите каде што се воделе судирите.
Исто така, беше соопштено дека противвоздушната одбрана соборила три беспилотни летала на Хусите, кои се обидувале да ги нападнат позициите на армијата.
Армијата дополнително извести дека нејзините сили уништиле неколку возила на Хусите во областа на операциите, при што биле убиени лицата што се наоѓале во нив.
Во меѓувреме, државната јеменска телевизија објави снимки за кои тврди дека прикажуваат припадници на Хусите заробени од армијата за време на судирите на западните фронтови во Таиз во четвртокот. Не беше прецизирано колку затвореници има.
Хусите веднаш не го коментираа соопштението на армијата.
Ескалацијата во Таиз се случи откако јеменската армија денес соопшти дека Хусите ги нападнале областите во провинциите Таиз и Ходеида со 14 балистички ракети, проследено со напади со беспилотни летала.
Во Јемен од април 2022 година е забележано релативно затишје во војната што започна пред речиси 12 години меѓу владините сили и Хусите, кои ги контролираат престолнината Сана и други градови и провинции од септември 2014 година.
Во последните недели борбите повторно се интензивираа во неколку провинции, меѓу кои Мариб, Ал-Џавф, Ал-Далеа и Таиз, додека земјата продолжува да се соочува со една од најтешките хуманитарни и економски кризи во светот.
Коалицијата предводена од Саудиска Арабија, која ја поддржува меѓународно признатата Влада на Јемен, ги поддржува владините сили, а Иран е обвинет дека ги поддржува Хусите. Хусите во јули објавија поморска блокада на Саудиска Арабија.