Mıchael Gabrıel Hernandez
06 Јануари 2020•Ажурирај: 07 Јануари 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Доколку ирачките власти ги присилат американските трупи да го напуштат Ирак, Багдад ќе се соочи со „санкции какви што претходно нема видено“, порача американскиот претседател Доналд Трамп, јавува Агенција Анадолија (АА).
Трамп рече дека потенцијалните економски санкции ќе ги надминат и санкциите кои САД ги наметнаа на Иран, додавајќи: „Ако има некакво непријателство, односно ако тие прават нешто што ние мислиме дека е несоодветно, ќе наметнеме санкции за Ирак, многу големи санкции.“
Предупредувањето доаѓа откако Парламентот на Ирак донесе резолуција во која се повикува Владата да ги истера американските трупи од Ирак во знак на одмазда за убиството на иранскиот генерал Касим Сулејмани.
Стејт департментот изрази разочарување од гласањето, повикувајќи го Багдад да го преиспита ставот.
„Имаме исклучително скапа воздухопловна база таму. Чини милијарди долари“, додаде тој. „Не заминуваме, освен ако не ни исплатат пари за тоа.“
Трамп не прецизираше на која воздухопловна база мисли, но најверојатно тоа е воздухопловната база „Ал Асад“ во покраината Анбар во централен Ирак. Со базата заеднички раководат американските и ирачките сили.
Касим Сулејмани, челникот на елитните сили „Кудс“ на Исламската револуционерна гарда, беше убиен во петокот во американски напад пред аеродромот во Багдад. Во нападот со беспилотно летало беше убиен и Ебу Мехди ал Мухандис, постар командант на ирачките Народни единици за мобилизација.
Убивањето на Сулејмани предизвика драматична ескалација на тензиите меѓу САД и Иран, кои се на стаклени нозе од одлуката на Трамп, еднострано да ги повлече САД од Договорот за нуклеарна програма.
Врховниот лидер на Иран, Али Хаменеи, кој минатата година му ја врачи најголемата почест на Сулејмани, вети жестока одмазда како одговор за неговото убиство.
По смртта на американски изведувач во ракетни напади врз американска база во Ирак, Вашингтон во неделата изврши серија напади во кои загинаа најмалку 25 борци на Катаиб Хезболах, група поддржана од Иран.
Нападите беа први поголеми напади на САД врз група поврзана со Иран од повлекувањето на трупите од Ирак во 2011 година.
Во вторникот, Американската амбасада во Багдад беше нападната од голем број демонстранти.
Пентагон го обвини Сулејмани за планирањето на нападот врз Амбасадата, како и дека планира да изврши дополнителни напади врз американски дипломати и војници во Ирак и регионот.