Burak Bir
26 Јануари 2020•Ажурирај: 27 Јануари 2020
ВАШИНГТОН (AA) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, го одби предлогот за укинување на санкциите на Техеран, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Министерот за надворешни работи на Иран вели дека Техеран сака да преговара со САД, но бара санкциите да бидат укинати. Не, благодарам!“, напиша Трамп на социјалната мрежа Твитер.
Коментарот на Трамп доаѓа по изјавата на иранскиот министер за надворешни работи, Џавад Зариф, кој во интервју за германскиот весник „Дер Шпигел“ (Der Spiegel) изјави дека САД мораат да ги укинат економските санкции за да се вратат на преговарачката маса со Иран.
„Администрацијата на Трамп може да го поправи своето минато, да ги укине санкциите и да се врати на преговорите. Ние сè уште сме за преговарачка маса. Тие се оние што ја напуштија“, рече Зариф.
Американско-иранските односи дополнително се затегнаа во последните седмици, откако иранскиот генерал Касим Сулејмани и заменик-командантот на силите „Хашди Шаби“, Абу Мехди ал Мухандис, се убиени во воздушниот американски напад изведен на 3 јануари недалеку од аеродромот во Багдад.
Иранската револуционерна гарда потоа на 8 јануари изведе напад врз американската база „Ајн ал Асад“ во Ирак.
Во средината на 2015 година Иран го потпиша нуклеарниот договор со групата земји П5+1 (пет постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации плус Германија).
Иран ги темели чекорите кон намалување на своите обврски во нуклеарниот договор врз основа на член 36 од договорот, според кој, доколку санкциите не бидат укинати има право да го запре договорот во потполност или делумно.