Fuat Kabakcı
25 Јануари 2020•Ажурирај: 26 Јануари 2020
ПЕКИНГ (AA) - Кинеските власти преземаат опсежни мерки за да го спречат ширењето на коронавирусот кој досега уби 41 лице, јавува Агенција Анадолија (АА).
Една од мерките е и изградба на болница за само неколку дена во градот Вухан, жариштето на новиот коронавирус.
Властите на Вухан веќе почнаа со изградба на болница со 1.000 кревети за лекување на заразените пациенти.
Болницата се гради во комплексот кој претходно беше предвиден за локалните работници, во градините покрај езеро, на периферијата на градот.
За изградбата на болницата, која се гради на просторот со големина од 25 илјади квадратни метри, ангажирани се десетици багери и работни машини.
Вухан ја следи праксата на градот Пекинг кој во текот на борбата против вирусот САРС во 2003 година за седум дена изгради блница во која се лекуваа заразените пациенти.
Како што наведуваат кинеските медиуми, болницата би можела да биде завршена до понеделник, а службениците тврдат дека сите активности ќе бидат завршени до 3 февруари.
Бројот на починатите во Кина од епидемијата на коронавирусот се искачи на 41, а потврдени се 1.287 случаи со воспаление на белите дробови предизвикано од новиот коронавирус (2019-nCoV), меѓу кои се и 237 лица кои се во критична состојба.
Вирусот настана во Вухан, главниот град на провинцијата Хубеи, а досега се прошири во 29 кинески провинции во земјата. Повеќе од 10 случаи се пријавени и во Јапонија, Јужна Кореја, Тајланд, САД, Сингапур, Франција и Виетнам.