Levent Tok,Mohamad Misto,Ömer Koparan
23 Јули 2018•Ажурирај: 24 Јули 2018
АЛЕПО/АНКАРА (АА) - Терористичката организација ЈПГ/ПКК води преговори со режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад за да го предаде окупираното подрачје на Мунбич, а планот е двата сојузника заеднички да ја контролираат таа област во северниот дел на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Наспроти тврдењата на некои извори за повлекувањето на терористите на ЈПГ/ПКК, оваа терористичка организација и понатаму под окупација го држи Мунбич.
Оваа терористичка група тргна на патот на јакнење на сојузот со силите лојални на режимот на Асад, со цел да избегне оддалечување од градот, што е предвидено со планот, кој заеднички го спроведуваат Турција и Соединетите Американски Држави (САД).
Репортерот на АА јавува дека претставниците на т.н. „Воен совет“ на Сириските демократски сили (SDG), под плаштот под кој дејствуваат терористите на ЈПГ/ПКК, ги интензивираа преговорите за предавање на Мунбич на силите на Асадовиот режим.
Водачите на терористичките групи, од базата од ирачката планина Кандил, пред две недели пристигнаа во Алепо и се сретнаа со претставници на режимот на Асад во зградата на партијата БААС во тој град, а сличен состанок беше одржан и пред два дена.
Делегацијата на Асадовиот режим ја предводеа претставници од партијата БААС во Алепо, Фадил Џабар, Абдула Хусеин и Ахмед Габхан.
Од друга страна, делегацијата на ЈПГ/ПКК ја предводеа командантот на т.н. „Воен совет“ во Мунбич, Мухамед Кадири, Ибрахим Беневи, Мухамед Гувејши и адвокатот на терористичката група, Шукру Ал Авни.
Неименувани извори јавуваат дека главни теми на преговорите биле спречување на интервенциите на Турција во северниот дел на Сирија, враќање на силите на сирискиот режим во Мунбич и воспоставување на безбедните и јавните установи во тоа подрачје.
Истите извори јавуваат дека страните во преговорите постигнале договор идната полиција во Мунбич да ја сочинуваат племенските сили кои го поддржуваат Асадовиот режим и терористите на ЈПГ/ПКК.
Таканаречениот „Воен совет“ во Мунбич, пред два дена на Фејсбук (Facebook) ја објави пораката дека контролата врз Мунбич нема да ѝ ја предадат на Турција, туку дека тоа подрачје ќе му предадат на режимот во Дамаск.
Претходно, Турција и САД постигнаа договор за ставање крај на окупацијата на Мунбич од страна на терористите, кој се наоѓа на западниот брег на реката Еуфрат. Шефовите на дипломатиите на двете земји, Мевлут Чавушоглу и Мајк Помпео, на 4 јуни ја договорија Мапата на патот, која предвидува повлекување на терористите од Мунбич и заедничко воспоставување безбедност во тоа подрачје.
Турско-американскиот план предвидува и воспоставување локална управа која би ја сочинувале локални елементи. Планот предвидува и продолжување на турско-американската соработка и на источниот брег на реката Еуфрат.
Во тој контекст, турските и американските сили од 18 јуни изведоа вкупно 18 посебни, но и координирани патролни мисии во Мунбич.
Терористите на ЈПГ/ПКК го окупираа Мунбич во август 2016 година, откако со поддршка на американските сили ја поразија терористичката организација ДЕАШ. Над 90 отсто од популацијата во Мунбич ја сочинуваат Арапи.