Ekip
26 Октомври 2016•Ажурирај: 27 Октомври 2016
АНКАРА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган во претседателската палата се обрати на „29. Состанок на старешините на села“, на кој учествуваа старешини на села од подрачјата на Адана, Ардахан, Баликесир, Билеџик, Чорум, Ерзурум, Карс, Киркларели, Мерсин, Ризе, Сиирт, Синоп, Текирдаг и Токат, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Турција, Ердоган рече: „Денеска видов дека некои весници пишуваат ‘Ердоган го спомена Мисак Мили и ја разбранува околината’. Јас тоа не го реков, така е запишано во историјата. Зарем за она што е запишано во историјата, една таква реалност ќе ја заборавиме и не ќе можеме за неа да зборуваме? Ние немаме никакви претензии кон ничии територии. Напротив, токму спротивното, ние сме против сите оние што имаат територијални претензии и кои се обидуваат во овие земји, во кои живеат нашите браќа, да извршат етничка поделба и поделба на религиски деноминации, со нови судири. Ние се обидуваме да го спречиме тоа“.
„Одлучни сме да го расчистиме Мунбич од ПЈД. Турција со сигурност ќе учествува во развојот на сите настани што се случуваат во Сирија и во Ирак. Одлучни сме во борбата против терористичките организации, доколку е тоа потребно, да застанеме во заштита на нашите браќа кои се наоѓаат во тие подрачја и да учествуваме со нашата дипломатска и воена моќ“, рече турскиот претседател Ердоган.
- „Нема да се двоумиме да им ги извадиме ноктите на сите оние што ги насочија своите канџи кон нас“
„Ние кон никого не чувствуваме непријателство, предрасуди, ниту пак имаме некакви комплекси. Секој оној што ќе ни подаде рака на пријателство, ние ја прифаќаме. Затоа имаме голем број земји пријатели и народи од Балканот, Средна Азија, Јужна Азија, од Африка. Затоа, нема да се двоумиме да им ги извадиме ноктите на сите оние што ги насочија своите канџи кон нас “, рече претседателот Ердоган во продолжението на своето обраќање.
- „Секој што вели дека се прави прогон, тој е дел од предавството“
Зборувајќи за ФЕТО, турскиот претседател Ердоган го рече следното: „Се извинувам, но сите оние што велат дека има прогон врз членовите на терористичката организација ФЕТО, се дел од предавството. Никој нека не нѐ советува по ова прашање. Тој ум нека си го чуваат за себе“.