Furkan Naci Top
24 Јули 2018•Ажурирај: 24 Јули 2018
АТИНА (АА) - Пожарите што ја зафатија шумската околина на грчкиот главен град Атина, кои се проширија и на населените области, досега одзедоа повеќе од 60 животи, јавува Anadolu Agency (AA).
Во голем дел под контрола се ставени пожарите што започнаа во шумските предели на Рафина и Пентели, кои се наоѓаат во североисточниот дел на Атина, од каде што се проширија на населените места.
Спасувачките екипи продолжуваат со својата работа.
Градоначалникот на Општина Рафина, Евангелос Боурнос, за телевизискиот канал „SKAI“ изјави дека според информациите што ги добил, бројот на загинати е поголем од 60.
Дел од жртвите настрадале заробени во своите куќи или автомобили, додека дел од нив се удавиле влегувајќи во морето, во обид да побегнат од пожарот.
Портпаролот на Владата на Грција, Димитрис Ѕанакопулос, изјави дека во пожарите се ранети 156 лица, од кои 16 деца. Меѓу повредените, 11 лица се во тешка состојба.
Постои загриженост од зголемување на бројот на загинати поради големиот број пријави до полицијата за исчезнати лица.
- Тридневна жалост во Грција -
Во Грција е прогласена тридневна жалост.
Со наредба на претседателот на грчкиот Парламент, Никос Вуцис, поради настанатата катастрофа од пожарите, знамињата во Парламентот се симнати на половина копје.
- Благодарност до Чавушоглу и Димитров -
Министерството за надворешни работи на Грција упати благодарност за понудената помош, поддршка и изразената солидарност, и нагласи дека природните катастрофи не познаваат граници и ги надминуваат споровите.
„Ја упатуваме нашата искрена благодарност до министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, и до министерот за надворешни работи на ФИРОМ, Никола Димитров, за нивната брза реакција за нудење авиони за гасење на смртоносните пожари во регионот на Атика“, се вели во соопштението на ова министерство.
Вчера попладне, на оддалеченост од 20 километри од Атина во шумскиот предел започнаа пожари, кои поради силните ветрови кои често го менуваа правецот брзо се проширија на голема површина. Поради настанатиот пожар, во некои делови на подрачјето Атика е прогласена вонредна состојба.