Safvan Allahverdi
31 Декември 2019•Ажурирај: 01 Јануари 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот државен секретар Мајк Помпео, реализираше телефонски разговор со генералниот секретар на НАТО, Антонио Гутереш, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Тоа преку писмено соопштение го потврди портпаролката на американското Министерство за надворешни работи, Морган Ортагус.
Таа рече дека Помпео и Гутереш во телефонскиот разговор се осврнале на нападот на организацијата „Катаиб Хезболах“, позната по блискоста со Иран, врз коалициските сили во ирачкото подрачје на Киркук.
„Министерот Помпео нагласи дека одговорот на САД против овој напад беше со одбранбена цел и имаше за цел да го одврати Иран“, истакна Ортагус, додавајќи дека Помпео го информирал Гутереш за воздушните напади на американската Војска во Ирак.
- Нападот на САД врз бригадите на Хезболах -
Американскиот Стејт департмент пред извесно време соопшти дека како одговор на нападот врз американските дипломати, биле извршени воздушни напади врз вкупно 5 бази на бригадите на Хезболах во Ирак и Сирија.
Од друга страна, Министерството за одбрана на Ирак нагласи дека САД извршиле три напади врз две позиции на оваа организација во подрачјата на Ел Харш и Селум, кои се наоѓаат во ирачката покраина Анбар.
Меѓу другото, ирачкото Министерството за здравство претходно соопшти дека во нападите врз базите на бригадите на Хезболах при единиците Хашди Шаби во Анбар загинале 28, а повредени биле 48 лица.