Muhammed Bilal Kenasari
14 Август 2017•Ажурирај: 15 Август 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Мајк Помпео, истакна дека е сосема извесно оти Северна Кореја би можела да продолжи со нуклеарните тестирања, но, како што рече тој, ЦИА не поседува разузнавачки информации дека се на прагот на нуклеарна војна со Северна Кореја, пренесува Anadolu Agency (AA).
Помпео во изјава за ТВ-каналот „Fox News Sunday“ нагласи дека Северна Кореја продолжува да работи на развивањето нуклеарно оружје. „Блиску се, работат веќе 20 години и блиску се да станат нуклеарна сила“, изјави тој.
Во врска со прашањето дали Северна Кореја подготвува напад на САД, Помпео одговори: „Немаме таква разузнавачка информација. Моментално не сме во ситуација што бара да влеземе во нуклеарна војна со Северна Кореја“.
Помпео изнесе пофалби за дипломатските напори на администрацијата на претседателот Доналд Трамп насочени против севернокорејската нуклеарна закана. Тој додаде дека тие напори резултираа со дополнителна изолација на Северна Кореја во регионот и во светот.
„Сега дури и Кина вели дека не треба да има нуклеарно оружје во регионот“, истакна Помпео.
Тој посочи дека верува оти Северна Кореја ќе продолжи со тестирањето на нуклеарното оружје и додаде дека по секое тестирање оваа земја станува сѐ поискусна.