Ekipa
30 Август 2017•Ажурирај: 31 Август 2017
ГАЗА (АА) - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, претстојува во посета на Газа со цел да се истражи хуманитарната состојба во појасот кој е под блокада на Израел, јавува Anadolu Agency (AA).
Откако дојде на функцијата генерален секретар на ОН, Гутереш за првпат престојува во Газа, каде што пристигна преку контролниот пункт Бејт Ханун (Ерез). Поради тоа што ги игнорирал барањата на роднините на палестинските затвореници кои го чекаа на влезот на контролниот пункт, ја предизвика нивната огорченост.
Жителите на Газа носеа транспаренти со натпис: „Што чекате веќе, нашите деца се оставени да загинат во израелските затвори!“, барајќи од ОН да преземе мерки за пуштање на затворениците на слобода.
„Тука сме собрани за да протестираме против дискриминирачката политика на генералниот секретар. Генералниот секретар одби да се состане со нас, а се сретнал со семејствата на израелските војници кои се заробени од групите за отпор во Газа“, истакна во изјава во име на демонстрантите Фаизе Ебу Кумбуз, мајка на затворениот Палестинец Маџид, кого Израел го осуди на 19 години.
Исто така, Ебу Кумбуз нагласи дека палестинските затвореници во израелските затвори се соочуваат со сериозни прекршувања на нивните права, и оти таа повеќе од една година не може да го посетува својот син.
Од друга страна, Абдула Кандил, директор на здружението „Ваид“, кое го организира протестот, критикувајќи го одбивањето на Гутереш да се сретне со палестинските семејства, рече: „Гутереш одржа средба со семејствата на израелските војници кои се заробени од страна на групите за отпор, но не прифаќа да се состане со семејствата на палестинските затвореници“.
Во рамките на посетата, се очекува Гутереш да го посети училиштето на Агенцијата за помош за палестинските бегалци на ОН (UNRWA).