Necva Taştan
25 Јули 2024•Ажурирај: 27 Јули 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Билансот на загинати од тајфунот Гаеми и југозападниот монсун се искачи на најмалку 14 лица, а осум се официјално потврдени, соопшти денес Филипинскиот национален совет за намалување на ризикот од катастрофи, јавува Анадолу.
Советот објави дека се погодени над еден милион луѓе, предизвикана е значителна штета во земјоделството, односно на 1,3 милиони хектари со земјоделски култури и проценети се загуби од 165.419 долари, објави „Фил Стар“ од Манила.
Особено тешко е зафатена автономната област Бангсаморо во Минданао, каде што живеат муслимани, при што се погодени над 567.000 луѓе.
Во Тајван, тајфунот Гаеми однесе најмалку три животи, повредени се над 220 луѓе, а продолжува да се зајакнува и се приближува до островот.
Централниот оперативен центар за вонредни состојби и локалните власти известија дека се регистрирани две жртви и 227 повредени низ различни делови на земјата, објави тајпејскиот „Фокус Тајван“.
Центарот предупреди дека од синоќа се интензивира влијанието на тајфунот бидејќи се очекува Гаеми најмногу да го погоди североисточниот брег на Тајван.
Властите за денес веќе најавија затворање на училиштата и канцелариите во сите 22 града и окрузи низ Тајван.
Во Кина, поради тајфунот Гаеми евакуирани се 156.800 жители во провинцијата Фуџијан, при што се прекинати 73 линии на траектите и откажани се 97 лета.
Над 29.000 луѓе од рибарските сплавови се пренесени на брегот, а 733 рибарски чамци побарале помош, објави кинеската новинска агенција Синхуа.
Тајфунот го погоди тајванскиот округ Јилан, при што загинаа две лица, а 201 се повредени.
Северна Јапонија, исто така, се соочува со тешки временски услови. Метеоролошката служба издаде предупредување за обилни врнежи од дожд од највисоко ниво за градот Саката и гратчето Јуза во префектурата Јамагата.
Поројните врнежи од дожд предизвикаа големи поплави.
Метеоролошките служби предвидуваат дека обилните дождови ќе продолжат во крајбрежното подрачје Тохоку на Јапонското Море до петок, со ризици од дополнителни лизгања на земјиштето, излевање на реките и поплави.