Admir Fazlagic
15 Ноември 2018•Ажурирај: 15 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот генерален секретар на Владата на Република Македонија добија 30-дневен притвор, соопшти Основниот суд Скопје 1, пренесува Anadolu Agency (AA).
Судот им определи 30 дневен притвор на барање на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО), заради, како што се наведува, опасност од бегство.
„Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по предлог на Јавното обвинителствот за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, за определување мерки за обезбедување присуство против М.Ј. и К.Б. опфатени во предметот со КОК бр. 7/18 од обвинителството означен како „Титаник“, по ценење на фактите и доказите во предлогот донесе решенија со кои го прифати предлогот и на двете лица им определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од член 165 ст.1 точка 1. од ЗКП односно „ ако постојат други околности што укажуваат на опасност од бегство “, се вели во соопштението на судот.
Јанакиески, кој ја извршуваше функцијата министер за транспорт и врски во Владата на Република Македонија од 2006 до 2015 година, обвинет е во неколку предмети на СЈО за кои се водат судски постапки, меѓу кои и за предметот „Титаник".
СЈО во февруари месец во 2016 година објави дека Обвинителството ја презема првата акција под името „Титаник", поврзан со криминализација на изборниот процецес за опстојување на власт.
СЈО го обвинува поранешниот премиер и лидер на партијата ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и уште дваесеттина негови блиски соработници од поранешното раководство во партијата, меѓу кои и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, поранешниот генерален секретар во Владата, Кирил Божиновски, за злосторничко здружување заради изборни нерегуларности за периодот од 2011 до 2014 година.
Исто така, СЈО, за случајот „Титаник@ побара во отуство да му се суди на поранешниот премиер Груевски, кој вчера преку социјалната мрежа Фејсбук објави дека се наоѓа во Будимпешта, каде, како што напиша, од унгарските власти ќе бара политички азил.
По објавата на Груевски дека е во Будимпешта, информациите ги потврди и Министерството за внатрешни работи на Република Македонија кое распиша меѓународна потерница за Груевски.