Michael Hernandez
15 Ноември 2018•Ажурирај: 15 Ноември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Властите во Соединетите Американски Држави (САД) ја продолжуваат потрагата по посмртните останки на жртвите во разорните пожари во Калифорнија. Според официјалните податоци, бројот на мртви во пожарите се зголеми на 56 лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Пожарот во северна Калифорнија запали над 9.000 објекти, а и понатаму претставува закана за уште 15.000, додека 1.000 пожарникари се борат со огненатата стихија. Според извештаите на официјалните лица, најмалку 130 луѓе се водат за исчезнати.
Пожарот го уништи градот Парадајс, кој го посетија администраторот на Федералната агенција за управување во вонредни ситуации (FEMA), Брок Лонг, и секретарот за внатрешни работи, Рајан Зинке.
Зинке истакна дека пожарот е најлош кој некогаш во животот го видел, нагласувајќи дека нивото на разорување е опасно за опстанокот на заедницата.
„Сега навистина не е време да посочуваме со прст во некого. Постојат многу причини поради кои се случуваат вакви катастрофални пожари, но секако, мораме да бидеме многу паметни како Американци, мораме заедно да се извлечеме и да сториме сѐ за заедниците како Вискитаун, Јосемит, Парадајс, да не бидат целосно разорени. Ова навистина е разорувачка трагедија“, рече Зинке.
Официјалните претставници и жителите на Парадајс сега се обидуваат да утврдат дали вреди да се обновуваат објектите кои изгореле. Пред нив е тешка задача за речиси целосна обнова на градот. Причините за избувнување на пожарите сѐ уште не се откриени.