Amina Zorniç
30 Август 2016•Ажурирај: 30 Август 2016
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Индискиот министер за туризам, Махеш Шарма изјави дека туристките што ја посетуваат Индија не би требало да носат кратки здолништа и дека индиската култура значително се разликува од западната, пренесува Anadolu Agency (AA).
Шарма зборуваше за туристките и изјави дека тие „поради нивната безбедност, не би смееле сами да се шетаат ноќе во помалите индиски градови“.
Според зборовите на индискиот министер, во средновековниот индиски град Агра, во кој е сместена величествената градба Таџ Махал, на туристките им се даваат упатства за нивната безбедност.
„Откако ќе им посакаме добредојде, им даваме упатства да не се шетаат сами ноќе, да не носат кратки здолништа. Треба да ги фотографираат регистарските таблички на автомобилот во кој се возат“, изјави Шарма, додавајќи дека „индиската култура се разликува од западната“.
Кога станува збор за „упатствата за добредојде“ на најголемите туристички места во Индија, тие се претставени од Владата минатата година. Овој потег е воведен откако земјата ја потресе случај на групно силување и убиство на една студентка во Њу Делхи во 2012 година, но и поради големиот број напади врз жените туристи коишто следуваа потоа.
Советите на индискиот министер во поглед на облекувањето на жените наидоа на критики.
„Не дадов никакви конкретни критики за тоа што жените треба, а што не треба да носат. Ние баравме од нив некои мерки, како што е ноќното излегување, ги советуваме“, рече тој.
Рањана Кумари, директорката на Центарот за општествени истражувања фокусиран на родовата еднаквост во Индија, изјавите на министерот за туризам ги нарече „многу глупави и неодговорни“.
Националната статистика за стапката на криминалот покажуваат дека секој ден во Индија се силувани 92 жени, воглавно во руралните подрачја.